Почетна Инфоград

Честитка од градоначалникот Заев по повод Илинден

Република Македонија е единствената земја во светот која својот „Ден на Републиката“ го одбележува славејќи два празника одеднаш, два значајни датума од својата историја. Илинден 1903 и Илинден 1944 се две нераскинливи алки од нашиот опстој низ времето и од вековниот стремеж за слободна и самобитна татковина, се вели во честитката од градоначалникот Зоран Заев по повод Илинден.

„Илинденската епопеја од пред 113 години, која резултираше со првата Република на Балканот, и Првото заседание на АСНОМ од пред 72 години, кое ги постави темелите на македонската државност, се два грандиозни историски настана на кои треба да бидеме бескрајно горди и одважни.Ние, денешните граѓани на Македонија, мора да го чуваме и негуваме аманетот на Илинденците и Асномците, и согласно богатото наследство кое ни го оставиле, да се соочуваме со предизвиците и да ги совладуваме бариерите кои пред нас се исправаат.  Македонија е нашето вчера и денес, но Македонија треба да биде и нашето утре. За таа Македонија, треба да бидеме единствени, истрајни и полни со верба за поубаво утре.

Нека Ви се честити и вековити двата Илиндена“, стои во честитката од градоначалникот Заев.