Почетна Струмица Њуз

Во недела фудбалско уживање на градскиот стадион „Младост„ под рефлектори

Фудбалскиот клуб „Беласица“ ќе одигра пријателски натпревар со новиот прволигаш, прилепска „Победа“ под рефлектори. За струмичани ова ќе биде втор натпревар од припремниот период пред стартот на сезоната и вистинско уживање. ФК„ Беласица“ во овој период се засили со неколку искусни фудбалери со прволигашко педигре, меѓу кои и еден повратник од странство.

Александар Василев кој се враќа од Мјанмар, каде што настапуваше за екипата на Зајар, а претходно и за Јангон, како и шведски Алта, а во нашата лига искусниот стопер ги има носено дресовите на Напредок, Работнички и Хоризонт Турново. Тука е и напаѓачот Бобан Мариќ кој доаѓа од Гостивар, а во неговата кариера има настапувано за Брегалница, Силекс, Баби и Тетекс.

Останатите засилување се помлади играчи, голманот Мирза Дураковиќ и Димитар Кремчески доаѓаат од младиот погон на Вардар, Столе Каламадевски од градскиот ривал Академија Пандев, додека Костадин Џинов има настапувано во Миравци и Металурт. Со овие засилувања, несомнено „Беласица“ се промовира во прв фаворит за титулата во Третата лига – Исток и пласман во повисок ранг.

Љубителите на фудбалот во Струмица ќе имаат можност во недела во 21часот да уживаат и да се потсетат на најдобрите времиња кога ФК Беласица беше во првата лига, местото каде што и припаѓа овој клуб, а за кој се залага и сегашното раководство.

Влезот за натпреварот со Победа ќе биде слободен. Инаку во првиот натпревар од овој припремен период Беласица на гостински терен го совлада Вардар од Неготино со 1:0. За одбележување на овој натпревар беа осумтте фудбалери од ладинскиот погон кои беа во првите единаесет.